ОТВОРЕН НОВИОТ КИК БОКС КЛУБ РАБОТНИЧКИ АДОРА ВО СКОПЈЕ

Трикратниот светски и европски првак во кик бокс Димитар Ѓорѓиев, кој има освоено 30 меѓународни пехари и медаљи и сите национални турнири во кик бокс од 2009-та година наваму, синоќа го промовираше новиот КИК БОКС КЛУБ РАБОТНИЧКИ АДОРА, што со идеални услови за тренинг на професионалци и аматери, е еден од најдобрите кик бокс центри на Балканот опремен според современите европски стандарди.

Во присуство на голем број гости од светот на спортот, поддржувачи и спонзори,  меѓу кои беше и проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генералниот директор на Адора инженеринг, компанија која шест години континуирано му дава поддршка во развојот на  успешната спортска кариера, новиот КБК Работнички Адора, Димитар Ѓорѓиев го отвори заедно со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и заменик генералниот директор на Адора Душко Чифлиганец.

Еден од најдобрите македонски кик боксери, Ѓорѓиев, својата одлична  натпреварувачка кариера сега ја збогати и како тренер во новиот центар за обука и подготовка на млади кик боксери, за што со покровителство на Адора инженеринг и Општина Центар годинава е формиран кик бокс клубот Работнички Адора. Во комплетно опремената сала која е лоцирана во зградата на Адора инженеринг во Карпош 2, Скопје, создадени се одлични услови за професионален тренинг на млади кик боксери, како и за вежбање на рекреативци и аматери од сите возрасти.

Ѓорѓиев, кој на отворањето на клубот ја прослави и шампионската титула освоена минатиот месец на Европското првенство во Братислава, порача дека неговата силна желба за придонес за развојот на кик боксот во Македонија е дополнително зацврстена со отворањето на тренинг центарот Работнички Адора, каде тој своето знаење и искуство ќе го пренесува на младите генерации. Душко Чифлиганец, од името на покровителот Адора инженеринг, компанија која досега има одвоено значајни средства за поддршка на Ѓорѓиев, спорот воопшто и пошироката заедница, посака младите луѓе кои ќе се обучуваат во новиот кик бокс клуб да ѝ донесат уште многу светски шампионски титули на Македонија, а со отвореноста на центарот кон сите заинтересирани, да се развива спортскиот дух и здравиот живот на нацијата за изградба на подобро општество.