Продолжува 22 годишната општествено одговорна традиција на компанијата Адора инженеринг и 10 годишната поддршка на заедницата, преку Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец. За поддршка на високото образование, обезбедени се стипендии за 14 студенти од ранливите категории во општеството, на Филозофскиот факултет – Скопје.

Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и „Адора инженеринг“ претставувана од д-р Драгана Д. Чифлиганец, потпишаа меморандум за соработка, со кој се обезбедија 21 стипендија за студенти од ранливите категории, за кои Фондацијата Чифлиганец обезбеди 14 стипендии. Стипендиите се доделени на деца од семејства со еден родител, кои аплицирале на објавениот конкурс.

На настанот за доделување на стипендиите, присуствуваше комисијата за избор на стипендистите и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, кој истакна дека ова е значаен чекор кон подобрување на пристапот до високото образование за студентите од ранливите категории. Оваа иницијатива ја нагласува важноста на заедничките напори за поддршка на образованието и младите, со што високообразовните установи и бизнис заедницата овозможуваат подобри услови за нивен академски и личен развој, порача д-р Драгана. Д. Чифлиганец, извршна директорка на Адора инженеринг.
Адора инженеринг, преку Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, уште еднаш конкретно, на дело, покажа дека искрено верува дека вложувајќи во младите, градиме цврст темел за креирање на подобра иднина, понапредно општество и посреќни граѓани.
