По повод испраќањето на генерацијата полуматуранти во рамки на традиционалната манифестација „Сите сме Крсте“, во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш, беа доделени награди за најуспешните ученици. Првенецот на генерација и најдобриот спортист добија лаптопи од проф. д-р Ванчо Чифлиганец – поддржувач на младите и долгогодишен пријател на училиштето.
Овие награди се повеќе од подарок – тие се симбол на признание, мотивација и охрабрување за сите млади кои вложуваат во своето знаење и личен развој. Чичко Ванчо, како што учениците со љубов го нарекуваат, им подари не само вредни награди, туку и искрени зборови полни со животна мудрост, поддршка и инспирација.

Во својот емотивен говор, проф. д-р Ванчо Чифлиганец се наврати на моментот кога како дете ги напуштил училишните клупи во Радовиш – полн со соништа, љубопитност и желба за подобро општество. Споделувајќи го своето искуство, ја истакна важноста на знаењето, трудот и вистинските вредности стекнати токму во истото основно училиште.
На новата генерација полуматуранти им упати порака и охрабрување – дека иднината е нивна, но и одговорноста да ја изградат со срце, решителност и благодарност кон местото од кое потекнуваат. Радовиш, иако мал град, останува симбол на големи почетоци и искрени човечки вредности.
Честитки до генерацијата 2025 – продолжете храбро по патот на знаењето, сонот и успехот!
