Промовирани спортската монографија и документарен филм „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“ во издание на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец

На свеченост организирана од Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, синоќа во Скопје се одржа промоција на монографијата и премиера на документарниот филм со ист наслов „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“, посветени на неповторениот триумф на клупскиот спорт во Македонија, освојувањето на европскиот и светскиот златен медал во борење слободен стил на радовишките борачи. Двете изданија низ автентични искажувања на борачите, спортските работници и поддржувачите, со многу фотографии и видео записи, сведочат за патот на успехот на Боречкиот клуб „Бучим-Јака“ од Радовиш, до европското злато во 1995-та и светското злато во 1996-та година. Автори на своевидната спортска енцилопедија за борењето во Македонија се проф. д-р Ванчо Чифлиганец, познатиот стопанственик, некогашен борач и неуморен поддржувач на спортот и борачот Славчо Тодоров. Зад филмот кој ги доловува сите значајни и возбудливи моменти на „златната македонска боречка приказна“ , но и на општествениот амбиент во младата самостојна македонска држава, стојат режисерот проф. д-р Јани Бојаџи и сценаристот проф. д-р  Сашко Насев.

Книгата и филмот се издадени по повод 25 години од освојувањето на светската шампионска титула во борење од страна на „Бучим-Јака“, кој малиот град Радовиш со златни букви го запиша на европската и светска мапа на големите спортски велесили, 60 години од постоењето на современото борење во Радовиш и јубилеот 30 години независна Македонија. Монографијата го овековечи најхрабриот космополитски сон на македонските борачи, кои со макотрпни тренинзи, поддржани од рудникот Бучим, спортските работници предводени од проф. д-р Ванчо Чифлиганец и френетичната публика, ги совладаа тогашните магнати во борењето, унгарската екипа Чепел, турскиот клуб Тедаш и  легендарниот американски шампион Дејвид Шулц, афирмирајќи ја Македонија со светски спортски успех, претворајќи го личниот сон во колективен и национален.

На промоцијата, апел за поголема поддршка на спортот упати Наумче Мојсовски, директорот на Агенцијата за спорт и млади и градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов и спортската легенда Шабан Трстена. Новинарот Горан Милковски, сведок на сензационалните, историски подвизи на „Бучим-Јака“ кажа дека тие се симбол, модел и инспирација за успех на голем број ентузијасти и македонски спортисти. Проф. д-р Ванчо Чифлиганец порача дека нема големи и мали држави, туку луѓе со големо и мало срце, а борачите на Македонија, како луѓе со големо срце се искачија на врвот од светот. Сега се на потег се младите генерации, кои Чифлиганец ги повика храбро да чекорат кон шампионскиот врв, да го остварат својот сон и повторно да ја позлатат и афирмираат Македонија како европска и спортска светска велесила.