Документарниот филм „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“ / “The Macedonian Dream – We are world champions“ е достапен на пошироката јавност

Најновиот македонски документарен филм во издание на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“- “The Macedonian Dream – We are world champions“, во оригиналната македонска верзија со англиски титл превод, ù е достапен на јавноста на YouTube каналот Adora Business Group

Филмот е автентична приказна за неповторениот триумф на клупскиот спорт во Македонија и за искачувањето на патот на успехот, до освојувањето на европското и светско злато во борење-слободен стил на Боречкиот клуб „Бучим-Јака“ од Радовиш, во 1995-та и 1996-та година. Документарниот филм е богат мозаик на лични, интересни и возбудливи сведоштва на македонските борачи, тренери, судии, спортски активисти, кои со поддржувачите и френетичната публика, го остварија најхрабриот сон и историски најголемиот спортски успех, ставајќи ја Македонија рамо до рамо со светските спортски велесили. Златните момчиња од „Бучим-Јака“ со победа над тогашните магнати во борењето од Унгарија, Турција и САД, го претворија личниот сон во колективен и национален успех и потврдија дека со силна воља, јасна визија, посветена работа, колективна поддршка и пред сè со големо срце, македонските спортисти можат да ги освојат највисоките европски и светски врвови.

Во ова време обременето со неколкугодишната Covid пандемија, со енергетска, економска, а сега и воена криза, еден ваков историски, документарен и едукативен филм со поширок општестевен контекст, создаден со многу труд и љубов, е вистинско освежување за јавноста, како веродостоен пример и поттик за поголеми ангажмани во постигнувањето на лични, колективни, национални и интернационални успеси, за афирмација на спортистите, младите генерации и на Македонија како држава.