10 ГОДИНИ СПОМЕНИКОТ „ФАЌАЧ НА КРСТ“ НА ВОДИЦИ Е СИМБОЛ НА ЕВРОПСКИОТ ЕРУСАЛИМ – ОХРИД

Пред 10 години, на почеток од јули 2014, свечено беше осветен и откриен споменикот „Фаќач на крст“, донација за Охрид, граѓаните и туристите од проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кој беше кум на православната манифестација Богојавление 2012 во Европскиот Ерусалим. Спомен обележјето, кој е синоним на вадењето на светиот крст од осветените води на Охридското Езеро на омилениот празник на охриѓани, Христовото крштевање Водици, лоциран на градското пристаниште, одлично се вклопи во амбиентот и визурите на најфрекфентното шеталиште во строгиот центар на Охрид.

„Ова спомен обележје покрај тоа што ќе е туристичка атракција и верско обележје, ќе биде и едно духовно место кое ќе патува преку фотографиите и сеќавањата на туристите низ целиот свет“, порача на свечената церемонија на 5 јули 2014, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, донатор на споменикот и генерален директор на компанијата Адора инженеринг.
„Сите кои учествувале во чинот на фаќањето на крстот и сите верници на кои Водици им е еден од најзначајните празници, добивме спомен обележје кое ќе сведочи за традицијата и за верата на Охрид“, изјави пред 10 години тогашниот Охридски градоначалник, Никола Бакрачески.

„Споменикот „Фаќач на крст го прикажува тоа што се случува на одбележувањето на празникот Водици во Охрид, кога се покрстуваат водите на Охридското Езеро. Ова спомен обележје е посветено на сите досегашни и идни фаќачи на светиот крст“, порача Љупчо Арнаудов од здружението Богојавление.

Скулптурата, чиј автор е академскиот скулптор Ангел Коруновски од Велес, е поставена на рељефен постамент со ранохристијански и богојавленски мотиви. Споменикот изминатата деценија стана препознатлив симбол во срцето на Охрид, омилено место за средби и фотографирање на охриѓани и туристите, еден од најсниманите мотиви во нашата туристичка, културна и духовна престолнина, што преку медиумите и сеќавањата патува низ целиот свет.