Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, во соработка со Асоцијацијата на Престижни Академски Граѓани ( НАПАГ ), распиша оглас за доделување стипендии на десет најдобри студенти на сите факултети во Македонија, за присуство на сертифицираната академија за развој на креативни, иновативни бизнис вештини Академија Адора инженеринг.
Пријавите за стипендиите треба до 15-ти април 2015-та година да се доставуваат во Националната асоцијација на престижни академски граѓани ( НАПАГ ), електронски на napag@napag.mk или со јавување на телефонот 071 259 345, со оставање податоци за апликантите. На огласот може да учествуваат студенти кои имаат комплетирано најмалку една година од прв циклус студии на било кој факултет во Македонија, со просек на оценки над 8.50, според условите предвидени со огласот. Академијата што се состои од 8 модули со обуки за 29 алатки, ќе ја реализира тим експерти по англиска методологија. Целта на стипендиите е да се помогне личниот развој на 10 најуспешни студенти во Македонија кои ќе имаат привилегија да присуствуваат на првата и единствена сертифицирана тримесечна Академија Адора инженеринг, за надградување на нивниот потенцијал преку стекнување вештини неопходни за успех во 21-виот век, кои се барани од работодавачите. Процесот на селекција на апликантите ќе го изврши НАПАГ, селектираните кандидати ќе бидат повикани на интервју, по што ќе бидат избрани стипендистите кои ќе учествуваат на академијата што ќе започне во април годинава.
Доделувањето на стипендиите за 10 најуспешни студенти е во рамките на активностите на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец за поддршка на унапредувањето на образованието, науката, спортот, културата, уметноста и заедницата во целина.