„Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони” промовирани во Радовиш на „Спортист на годината”

Најновите изданија на Фондацијата „Проф. д-р Ванчо Чифлиганец“, спортската монографија „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“ и истоимениот документарен филм, реализирани кон крајот на 2021-ва година, деновиве беа промовирани на изборот на „Спортист на годината“ во организација на Општина Радовиш.

Видео филмот и печатеното издание беа со воодушевување примени од спортистите и од радивишани, своевидните актери кои малото гратче Радовиш и младата самостојна држава Македонија, пред 25 години ја ставија на светската и европска мапа на спортот и борењето. Спортистите присутни на манифестацијата порачаа дека вакви дела покрај тоа што се сведоштво за најзначајните спортски потфати во македонската спортска историја, претставуваат поттик и силна мотивација за македонските спортисти да освојуваат нови светски врвови сега и во иднина.

Проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кој секогаш активно го поддржува спортот и спортистите, во знак на благодарност им додели оскари на Општина Радовиш, на градоначалникот Ацо Ристов и на Борачкиот клуб „Бучим”, а тие му возвратија со благодарница за особен придонес за развојот на спортот во Радовиш.