Вложување во заедницата

Фондацијата ја поддржува заедницата и општеството во целина преку спонзорства и донации за реализација на проекти за поквалитетен и подобар живот на сегашните и идните генерации. Со реализација на долгорочните проекти „Вложуваме во општините за доброто на граѓаните“ и „Заедно ја градиме иднината“, Адора инженеринг во секоја општина каде гради објекти, вложува во заедницата и остава вредни дела за попросперитетна иднина на сите.
Во општина Аеродром, на брегот на реката Вардар ( македонскиот Јордан ) во 2014 изграден е и осветен православниот храм Свети Јован Крстител, чиј ктитор е проф. д-р Ванчо Чифлиганец со семејството. Ова е една од највредните и највпечатливи донации на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец и Адора инженеринг за сите православни верници во општината каде компанијата има изградени 20 станбени и деловни објекти во кои живеат над шест илјади граѓани. Петкуполната црква со вредниот живопис, камбанаријата, крстилницата, фонтаната, паркот и големите камења со пораките на ктиторот, е свето катче каде голем број верници ги прославуваат своите венчавки, крштевки и празници, ги упатуваат молитвите за здравје и напредок, наоѓаат утеха, надеж, верба и дружба под сводовите на храмот и во убаво средениот двор. Храмот е предаден во владение на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за што ктиторот Чифлиганец од Архиепископот г. г. Стефан го доби највисокото признание на МПЦ – орденот Свети Климент од прв ред.

На Охрид, Балканскиот Ерусалим, нашиот најголем туристички центар, проф. д-р Ванчо Чифлиганец како Кум на манифестацијата Водици му подари спомен обележје „Фаќач на крст“, посветено на големиот христијански празник Богојавление-Водици, што стана нов симбол на Охрид, красејќи го езерскиот брег кај охридското пристаниште. Со споменикот, асоцијација на среќникот кој го вади светиот крст од осветените охридски води на најмасовната прослава на Богојавление во овој дел на православниот свет, се комплетира приказната за убавата охридска богојавленска традиција, што стана вистинска зимска туристичка атракција со илјадници посетители од светот. Фаќачот на крст, завршен во 2014, прерасна во култно место каде се собираат и дружат граѓаните и туристите од сите генерации, што стана едно од најфотографиринатите симболи на Охрид.

На централниот плоштад во Струмица и во скопската општина Ѓорче Петров, подарени се две саат кули, кои ги красат урбаните средини каде Адора инженеринг има подигнато репрезентативни станбено-деловни објекти и им го мерат времето на граѓаните и го разубавуваат просторот.

Паркот во општина Кисела Вода е оплемент со донација на фонтаната Македонија, која со симболичниот изглед и водата што тече низ неа, стана пријатно место за посета и одмор на жителите на овој дел од Скопје.

На Ивана и Јован Трајови од село Дедино, Општина Конче, кои во пожар целосно ја изгубија скромната семејна куќа и останаа под отворено небо, фондацијата за пет месеци по немилиот настан врз пепелот им подигна и подари нов дом. Во 2017 година Трајкови добија убав, квалитетен, современ, енергетски ефикасен, опремен дом, кој им даде нова надеж за безгрижни, спокојни среќни пензионерски години.

Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремац“ во Скопје, во 2016 година, со донација на фондацијата, доби саниран-реконструиран покрив, со што дотраениот покрив беше заменет со безбедни услови за образование на над сто деца со посебни потреби кои се школуваат во оваа установа. Во училиштето се реализирани и други донации по повод поголеми празници, како Нова Година и Велигден, со цел да се усреќат и со насмевка на лицата, децата со посебни потреби да ги дочекаат овие посебни денови во годината.

За поддршка на образованието, посебно во услови на онлајн настава во време на пандемијата Covid-19, фондацијата на почетокот на учебната година 2020/2021, на неколку основни и средни училишта во Општина Радовиш, им подари 12 персонални компјутери и 6 ајпади. Целта на оваа донација беше да се создадат подобри услови за непречано образование, како една од најважните алки за развој на поеднинците и општеството. Во детските градинки, основните и средни училишта во Радовиш и Раклиш, фондацијата има реализирано неколку акции за донирање на школска опрема, мебел, современи помагала, паметни табли, таблет компјутери и новогодишни пакетчиња.

Реализирани се повеќе донации на потребни апарати во здравствениот систем, како донацијата на апаратот за рана дијагностика на оштетување на слухот кај новороденчињата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје во 2020.

Фондацијата има поддржано санација и доградба на повеќе верски објекти како православната црква Света Петка во општина Кисела Вода, Скопје, муслимански џамии во Радовиш и радовишко, има дадено поддршка на социјалното претприемништво преку учество во проектот „Смарт старт“, со помош за подобра нега и грижа за стари лица и создавање услови за вработување на социјално загрозени категории во овој бизнис, преку менторство на невладиното здружение “Хумана С“.

Фондацијата два пати беше главен спонзор на фестивалот Охридско Лето, нашата најголема меѓународна манифестација од областа на културата. Со финансиска помош и логистика, но и со организација на акција за чистење на Античкиот театар во Охрид, најголемата сцена за настани од културата, со цел да придонесе за подигнување на јавната свест за чување и негување на нашето вредно наследство.

Фондацијата беше генерален покровител на првиот самостоен музички концерт на популарната поп дива Тамара Тодевска што се одржа во арената Борис Трајковски во Скопје во 2015 година, со што уште еднаш го поддржа развојот и афирмацијата на македонската музичка уметност и култура.

Континуирано, почнувајќи од првиот станбено-деловен објект во Карпош, Скопје, Адора инженеринг и проф. д-р Ванчо Чифлиганец, иницираат и реализираат озеленување, хортикултурно оплеменување и уредување на околината на сите изградени објекти од овој бренд. Со тоа се разубавува животниот простор на граѓаните, се создаваат услови за поздраво и попријатно домување и се заштитува животната средина од загадувањето што енормно расте последните години во урбаните средини.