ЗА ОСВОЕНАТА БРОНЗА НА МЛАДИНСКОТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, БОРАЧОТ МАРИО АНАНИЕВ НАГРАДЕН ОД ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ

На свечени прием во Општина Радовиш, по повод освоениот бронзен медал, третото место на младинското Европско првенство до 15 години во Лутраки, Грција, младиот борач Марио Ананиев од Штип, доби честитки, парична награда и стипендија, во знак на признание за овој голем спортски успех од проф. д-р Ванчо Чифлиганец, првиот човек на Адора инженеринг, верен поддржувач на младите и спортот во Македонија.

„Со овој висок освоен медал, го продолжуваш светлиот пат на успеси на најтрофејниот спортски клуб во Македонија, БК Бучим Радовиш, единствениот наш европски и светски шампион во борење, слободен стил. Со моите искрени честитки, ти посакувам натаму посветено да продолжиш со победи и освојување медали, афиримирајќи ги со тоа не само БК Бучим и Радовиш, туку Македонија и Европа во светот на спортот. Паралелно со спортот, ти посакувам да се образуваш, да бидеш добар другар и вистински пример за поттик на идните генерации“, му порача проф. д-р Ванчо Чифлиганец на младиот Марио Ананиев, посакувајќи му да освои и олимписки трофеј.

На свечениот прием кај градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов, присуствуваа голем број спортисти, спортски работници и поддржувачи, кои ја споделија радоста за највисокиот пионерски успех досега на талентираниот борач Марио Ананиев, кој е и државен првак во борење во категоријата У15 и најперспективен спортист во Општина Радовиш во 2023 година.