АДОРА УЧЕСНИК НА СПЕЦИЈАЛНА СЕСИЈА НА ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВУВАЧКИТЕ ОРГАНИ НА МРЕЖИТЕ НА 20 ГОДИШНИНАТА НА ГЛОБАЛНИОТ ДОГОВОР НА ООН

Адора инженеринг, преку својот претставник Нина Кепеска, член на раководниот орган на македонската мрежа, денеска учествуваше на специјална он лајн сесија на мрежите на Глобалниот Договор на ООН, најголемата доброволна светска асоцијација на општествено одговорни компании, која преку континуирани виртуелни глобални, регионални и локални форуми го одбележува 20 годишниот јубилеј од своето постоење. На сесијата, пред членовите на раководните органи на регионалните мрежи од повеќе држави од Европа, Африка, Азија, Австралија и Америка, им се обрати Санда Оџиамбо од Кенија, новата извршна директорка на Глобалниот Договор, која прв пат се претстави на најголемиот виртуелен лидерски самит на ООН што се одржа на 16-ти јуни, во присуство на светски лидери како германската канцеларка Ангела Меркел, претседатели на држави, претседателотот на Генералното Собрание и Генералниот секретар на ООН и над 20 илјади бизнис лидери од 180 земји.
„Да закрепнеме подобро, посилно, заедно“ е главната порака упатена од јубилејните сесии на Глобалниот Договор посветени на справување со општествените предизвици и унапредување на целите за одржлив развој, во услови на трите поврзани глобални кризи: здравство, нееднаквост и климатски промени. Македонската мрежа на компаниите членки на асоцијацијата со честитките до новата извршна директорка денеска упати порака дека сме отворени за соработка со цел да придонесеме за подобрување на сегашниот модел на асоцијацијата за решавање на проблемите на помалите и економиите во развој.
На денешната он лајн сесија, учесниците од 68 активни локални мрежи, меѓу кои и македонската, беа запознаени со приоритетите на делувањето на ова глобално семејство во насока на поддршка на општеството за справување со пандемијата Covid – 19, со акцент за почитување на човековите права во работните односи. Беа претставени и новите платформи за поднесување на задолжителниот извештај за напредокот и за плаќањето на членарите на компаниите, како дел од механизмите за натамошно остварување на целите за одржлив развој, што ќе бидат достапни и за нашите членки.
Главното мото под кое е основан Глобалниот Договор на иницијатива на ООН во 2000-та година од тогашниот генерален секретар Кофи Анан, кон што се насочени активностите на членките на оваа асоцијација, е мобилизација на сите сили и ресурси за креирање на таков свет во каков што сакаме да живееме.