ЧИФЛИГАНЕЦ ГИ НАГРАДИ ПРВЕНЦИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА ВО ОУ КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ ВО РАДОВИШ

На традиционалната манифестација „Сите сме Крсте“, во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш, проф. д-р Ванчо Чифлиганец им доделени лап топи на најдобрите ученици во генерацијата 2015 – 2024. Младите основци, првенци на генерацијата по различни предмети, музички таленти, уметнички рецитатори, оратори и спортисти, од нивниот сограѓанин Чифлиганец, или чичко Ванчо, добија награди за одличните резултати, но и вредни совети и мудри пораки за иднината.

„Иако Радовиш е мало место, од него секогаш произлегуваат големи луѓе, како што е оваа генерација која уште повеќе ќе го прослави Радовиш во Македонија и надвор од границите на државата. Најдобрите ученици од Основното Училиште „Крсте Петков Мисирков“ ме вратија 55 години назад, кога јас излегов од овие училишни клупи, совладувајќи ги предизвиците пред мене во сите сфери на живеењето. Морам да истакнам дека во тоа најмногу ми помогна добро поставениот темел на образованието и наставно-педагошкиот процес поставен во ова основно училиште, благодарение пред сè на професорите кои ми дадоа знаење и насоки како треба да учам, да се однесувам и да живеам, заедно со нашите чесни и вредни родители. Како што јас 55 години ја носам магијата на Радовиш со себе, така и Вие млади луѓе , со стекнатото знаење, желбата за работа и посветеноста, ќе ги остварите Вашите желби, соништа и цели. Во Вас ја гледам искреноста и светлата иднина на Радовиш и на Македонија. Каде што ние возрасните застанавме, Вие продолжете, каде што ние можеби погрешивме, Вие исправете не, и само така вистински ќе го изградите Вашето семејство, Радовиш и Македонија, на што ќе сме сите горди“, им порача на наградените првенци на генерацијата во ОУ „Крсте Петков Мисирков“, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кој ги обезбеди наградите со неговата фондација.