Доделени сертификати за успешно завршена академија на стипендистите од Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец

На конференција на Националната асоцијација на престижни академски граѓани НАПАГ, која се одржа во просториите на Кинотека на Македонија, генералниот директор на Адора инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ги додели сертификатите на стипендистите од Фондација проф. д-р Ванчо Чифлиганец за успешно комплетирана тримесечна академија Адора инженеринг. На доделувањето  присуствуваа 100тина успешни студенти, градоначалникот на општина Карпош г-дин Стевчо Јакимовски, бизнисмени и донатори.

Проф. д-р Чифлиганец во своето обраќање ги поздрави присутните и на идните инженери, архитекти, доктори, професори, им порача дека патот до успехот не е лесен, но не е и невозможен. Се што треба е да веруваат во себе и во своите желби, да работат, бидејќи само така успехот е неизбежен. Воедно тој им порача да не застануваат тука, туку да продложат да се надоградуваат, секојдневно да вложуваат во себе, да читаат книги и да се  едуцираат, следејќи ги сите иновации и новини во одбраната професија. Да бидат подобри од вчера и да се стремат за поголем успех утре.

Првата сертифицирана академија Адора инженеринг која траеше три месеци, се реализираше од страна на НАПАГ во сорабока со Фондација проф. д-р. Ванчо Чифлиганец. Истата им овозможи доедукација на десетмината најталентирани и најуспешни студенти со висок просек на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, каде надвор од формалното образование ги збогатија знаењата со практични искуства и вештини за иновативно и креативно претприемништво, како добра основа за работно  ангажирање.

Адора инженеринг како општествeно одговорна компанија и натаму продолжува да вложува во млади, талентирани и амбициозни луѓе, кои се стремат за подобро општество и просперитет на Република Македонија.